Надлежност
Основниот суд во Гостивар е првостепен суд со проширена надлежност кој покрај надлежноста утврдена за основните судови со основна надлежност за подрачјата за кои се основани, е надлежен да одлучува:
1. во прв степен по кривичните дела и прекршоци, и тоа:
- за кривичните дела за кои со закон како главна казна е определена казна затвор до пет години, ако за некои кривични дела не е предвидена надлежност на друг суд,
- за кривични дела за кои со посебен закон е определена надлежност на суд со основна надлежност,
- да спроведува истрага или истражни дејствија за кривични дела од својата надлежност,
- за сите видови на прекршоци, освен за прекршоци кои созакон се ставени во надлежност на орган на државна управаили организација или друг орган што врши јавни овластувања и
- за жалби и пригивори за постапките за кои се надлежни овие судови
2. во прв степен по граѓанските спорови, и тоа:
- за спорови во имотно-правните и други граѓанско правни односи на физички и правни лица, чија вредност е 15.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
- за спорови за утврдување и оспорување на татковство и мајчинство, утврдување на постоење на брак, поништување на брак и развод на брак,
- за законска издршка,
- за чување и воспитување на деца,
- за смеќавање на владение,
- за доживотна издршка,
- за надоместок на штета која не надминува 15.000 евра во денарска противвредност,
- за постапка за обезбедување и извршување,
- за работни односи,
- за спорови од наследно-правни односи,
- во вонпарнични о оставински работи,
- да водат тапии и
- за други работи утврдени со закон,
Надлежен е да одлучува и:
1. по кривичните дела, и тоа:
- за оние за кои со закон е предвидена казна затвор над пет години и за кривични дела и прекршици извршени од малолетни лица,
- да постапува по предмети за екстрадиција,
- по жалби и приговори за постапките за кои е надлежен и
- да решава за постапки за меѓународна правна помош утврдена со закон.
2. по граѓанските спорови, и тоа:
- за спорови од имотно-правните и други граѓанско правни односи на физички и правни лица, чија вредност е над 15.000 евра во денараска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
- во трговски спорови во кои двете странки се правни лица или државни органи, како и спорови од авторски и други сродни права и права од индустриска сопственост,
- водат судски регистар за политички партии,
- во постапка за стечај и ликвидација,
- во спорови за утврдување и обезбедување за присилно извршување и
- за спорови на домашни правни и странски лица кои произлегуваат од нивните меѓусебни стопански односно трговски односи.
Основниот суд Гостивар се основа за подрачјето на општините: Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростушe.
Основниот суд Гостивар како суд со проширена надлежност е надлежен и за подрачјето на Основните судови Кичево и Дебар.
Историјат
Зачетоците на поорганизираните облици на судство во Гостивар и гостиварско , како впрочем и на многу поширок план на Балканските простори, се совпаѓаат со владеењето на Османлиската империја. Притоа, основна карактеристика на судските органи е што истите работеле според одредбите на шеријатското право, поточно судската власт била олицетворена во функцијата кадија. Меѓутоа ,поради основаниот сомнеж од неправда, што е иманентен на секој освојувач, народот барал и други начини во потрага по правдата, така што за оваа цел при арбитрирањето во споровите, користено е влијанието на повидни луѓе, селски кметови, а не ретко и свештени лица.
Со стапувањето на власт на Кралството Србија, а потоа Кралството на СХС, организацијата на судството била детерминирана од постојната правна регулатива на кралството. Всушност, тој период може да се означи и како вистински зачеток на организација на современото судство на овие простори. Имено, во тој период на територијата на град Гостивар функционирал околискиот суд, кој имал надлежност за извршување на судската власт во прв степен по граѓански спорови, трговски и менични предмети, вонпарнични предмети и предмети за извршување. Исто така, тука се воделе и сите земјишни книги и се решавало по земјишните предмети.
Судството во овој период се карактеризира по тоа што судиите биле избирани од страна на кралот по предлог на министерот за правда и преставувале инструмент за спроведување на апсолутистичката власт на кралот. Владата ги преместувала, пензионирала и отпуштала “непослушните “ и “непокорните “ судии, т.е. судиите биле наполно зависни од власта.
Вистинскиот почеток пак, на современото македонско судство, датира од 2 Август 1944 год., со донесувањето на Одлуката на Второто заседание на АСНОМ за формирање на судски органи и поверенство за судство како и судски оддели при Народноослободителните одбори и нивните задачи.
На 20 октомври 1944 год., Президиумот на АСНОМ донесува решение според кое целосното уредување на правосудството во Македонија ќе се врши во рамките на НОО. Врз основа на овие одлуки, на седницата на градскиот народноослободителен одбор на Гостивар, одржана на 9.12.1944 год., покрај другото, формиран е и судски оддел, за чии што прочелник е назначен Ќирко Матески.
Согласно Повелбата на Президиумот на АСНОМ за устројство на редовните народни судови во Федерална Македонија од 31.03.1945 год., основан е Околискиот суд во Гостивар. Овој суд функционирал како првостепен суд надлежен за решавање на сите граѓански и кривични дела, освен за оние за кои е предвидена надлежност на oбласните судови, како и решавање на сите вонпарнични предмети. Судот бил сместен во дел од една куќа во центарот на Гостивар, при што поради ограниченоста и несоодветноста на просторот како и елементарната техничка неопременост, работата во судот се одвивала во исклучително тешки услови.
Прв претседател на Оклискиот суд во Гостивар бил Павле Попоски а после него претседателствувале Крсте Топалоски и Смајо Мујезиновиќ.
Во овој временски период, поточно од 1952 до 1956 год. во Гостивар функционирал и окружен суд, чии што претседател бил Осман Мифтари. Овој суд во 1956 год. бил укинат и се префрлил во Тетово.
Потоа, судот се сели во зградата на Општина Гостивар каде е сместена во едно крило на првиот кат што преставувало значително подобрување на условите за работа. Во овој период претседател на судот е Филип Мирчески. По него, функцијата претседател ја превзема Ристо Мелоски, кој е првиот дипломиран правник кој положил правосуден испит. Во овој период судот почнува кадровски да се екипира и технички да се доопремува во позначителна мерка.
Со донесувањето на Сојузниот и Републичкиот Устав 1963 год., од средината на 1964 год. Околискиот суд во Гостивар е преименуван во Општински суд Гостивар кој продолжува да функционира како суд со општа надлежност. Во споменатата зграда на Општина Гостивар во која судот работел се до 1975 год., претседатели на судот биле Панде Зафироски, Атанас Јанкоски и Сандре Нестороски, кој воедно својот мандат го завршува со вселувањето на судот во новата судска зграда во која денес е сместен.
За одбележување е податокот дека во овој период доаѓа до израз евидентно кадровско доекипирање со значителен број на судии со соодветно образование, со нов административен кадар, натамошно техничко доопремување, кое со условите што ги пружаше новата зграда на судот, преставуваше нов квалитет во вкупните погодности за работа.
Новата судска зграда, за тоа време современа, наменска и функционална градба, проектирана од Г.П.Бетон - Скопје, а изградена од Г.П.Ц.Звезда - Гостивар е двокатно здание кое со својата локација овозможува лесна достапност до граѓаните.
Во Овој период претседател на судот е Ристо Анѓелкоски.
Значајна карактеристика на овој период од работата на судот е тоа што се до 1995 год., односно до донесувањето на Законот за судови, изборот на судиите го вршеше Собранието на општината која воедно ја финансираше работата на судот.
Со осамостојувањето на Република Македонија и новонастанатите услови, се повеќе се актуелизираше потребата од нова организација на судствотово во функција на зголемување на неговата независност и самостојност. Од таквата определба произлезе и новиот Закон за судови во 1995 год. со кој Општинскиот суд Гостивар беше реорганизиран и преименуван во Основен суд Гостивар.
Значајно е и тоа што во последниве десетина години доаѓа до натамошно подобрување на вкупните услови за работа на судот, вклучувајќи го тука осовременувањето со компјутерска опрема, а во таа насока посебно значаен е придонесот на донацијата на УСАИД/ Проект за модернизација на судството на Република Македонија со која беше реновиран влезот, приземјето на судот , како и три судници кои беа опремени со најсовремена опрема. Со овој зафат исто така е инсталирана и најсовремена безбедносна опрема.
Следен претседател на судот е судијата Бранко Секулоски а моментално актуелен претседател на судот е судијата Кристе Николоски.
Со вкупните напори за кадровско, техничко, просторно и поцелосно подобрување на условите во контекст на мерките за реорганизација на судството и негова модернизација се придонесе кон значително подобрување на ефикасноста и независноста во работата на Основниот суд Гостивар. На овој план се очекуваат битни позитивни промени и со планираното престојно реализирање на инвестициониот зафат за доградба на уште еден кат на постојната судска зграда.
Структура на судска зграда
Приземје
Судска полиција, Приемно одделение, СУДСКА ПИСАРНИЦА (Шалтери), Извршно одделение, кабинети на судии, стручни соработници, Основно јавно обвинителство Гостивар
I кат
Сали за судење- IV, V i VI, кабинети на судии, кабинети на стручни соработници и Основното јавно правобранителство Гостивар Вишото Јавно обвинителство
II кат
Сали за судење- I, II i III , кабинетi на судии и кабинетот на Pретседателот на судот